Американската амбасадорка изрази сочувство за трагедијата во Кочани
Американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер, по потпишувањето во Книгата на жалост во Министерството за надворешни работи, изрази длабоко сочувство за трагедијата во Кочани, во која загинаа 59 лица. Таа истакна дека срцата им се скршени и дека е благодарна на земјите од регионот кои веднаш понудија помош.
Во МНР отворена книга на жалост: Активиран механизмот за цивилна заштита на ЕУ
„Благодарна сум што денеска сум тука со мојот пријател, амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас. Ние ја понудивме сета можна помош, но сме далеку. Благодарна сум што земјите од регионот реагираа брзо и помогнаа, примија дел од повредените и понудија неопходна медицинска грижа“, изјави Агелер.
СЗО нуди поддршка за повредените
Претставникот на Светската здравствена организација (СЗО) во Македонија, Акиим Али, исто така се потпиша во Книгата на жалост и изрази сочувство до целата нација.
„Ова е трагичен настан. Сè што можеме да направиме во овој момент е да изразиме сочувство до заедниците и семејствата кои ги изгубија своите најблиски, како и до оние кои се молат за брзо закрепнување на повредените,“ рече Али.
Тој додаде дека СЗО стои на располагање да обезбеди поддршка и помош за здравствените институции во земјата, со цел што побрзо да им се помогне на повредените.
Меѓународна поддршка за Македонија
Во овие тешки моменти, меѓународната заедница ја изразува својата солидарност и подготвеност да помогне. Бројни земји од регионот веќе испратија медицинска помош и примија повредени во своите болници. Македонските власти истакнаа дека секој вид на поддршка е добредојден и дека се работи на целосно расветлување на трагедијата.
Извор: Курир