Во интервју за Сител, амбасадорката на САД, Н.Е. Агелер, говори за присутната корупција во општеството и потребата од решителна, тимска борба за правда. Агелер истакна дека, и покрај предизвиците и заморот кај граѓаните, расте свесноста и повикот за одговорност од избраните претставници и институциите.
Прашање: Овој случај ја покажа корупцијата. Ако системот не се смени сега, нема да се смени. Корупцијата е присутна во нашето општество. Дали верувате дека владата има волја да се бори против корупцијата?
Агелер: Секако. Гледам дека постојат луѓе во владата и судството кои навистина се посветени на тоа, и ги поздравувам и им благодарам. Тие се како гласови во дивината. Се надевам дека повеќе луѓе ќе им се придружат. Некои работи треба правилно да се направат, и ова е случај во кој треба да се воспостави правда за семејствата на жртвите и за заедницата, но е потребен тимски напор.
Прашање: Мислите ли дека борбата против корупцијата напредува или стагнира?
Агелер: Јас сум Американка и сум оптимист. Искрено верувам и забележувам во последните неколку месеци, вклучувајќи го и случајот во Кочани, дека постои ново ниво на свесност и препознавање какво порано немаше. Сепак, тоа е придружено со одреден замор. Кога патувам низ земјата и зборувам со студенти, родители, градоначалници и обични граѓани, понекогаш слушате вистинско помирување дека ништо не се менува. Интересно е што дел од тоа беа и локалните избори, каде видовме млади лидери кои рекоа дека ќе го направат тоа поинаку. Луѓето сега зборуваат на начин што покажува дека не само што се свесни, туку и следат поблиску од порано. Тие бараат одговорност од своите избрани претставници. Одговорноста е неверојатно моќна, без разлика дали станува збор за локалниот совет или за избрани функционери. Не станува збор само за политичари, туку и за наставници, доктори – вие сте платени да ја вршите својата работа, и треба да ја извршувате.
