Амбасадорката Агелер: Вашингтон не може да гарантира членство во ЕУ
Американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер, денеска истакна дека САД не можат да дадат гаранции за европскиот пат на земјава, бидејќи не се членка на Европската Унија.
„Сметам дека ова е дискусија што се води на највисоко ниво со претставници на Европската Унија. Но, можам да кажам дека сум воодушевена што премиерот и неговиот кабинет повторно се во Вашингтон. Ова сведочи за важноста на билатералните односи и начините на кои САД и Северна Македонија можат да соработуваат,“ изјави Агелер.
Таа ова го изјави додека присуствуваше на примопредавањето на мобилно оперативно возило, донација од САД за Црвениот крст на Македонија.
Мицкоски во Вашингтотон на конференција за конзервативна политика
Премиерот Христијан Мицкоски од денеска, па до 22 јануари, ќе престојува во Вашингтон, каде што ќе учествува на Конференцијата за конзервативна политичка акција.
„Премиерот за време на посетата ќе има билатерални средби, а јавноста ќе биде информирана за дополнителни детали во текот на наредните денови,“ изјави портпаролката на Владата, Марија Митева.
Ова е трета посета на Мицкоски во Вашингтон откако ја презеде функцијата премиер. Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер рече дека е воодушевена што премиерот Христијан Мицкоски е во нова посета на Вашингтон.