Американската амбасадорка Агелер задоволна што Артан Груби е на црната листа на САД
Во поткаст за ТВ Телма, американската амбасадорка Анџела Агелер изјави дека е задоволна што поранешниот вицепремиер Артан Груби е ставен на црната листа на САД. Таа нагласи дека доказите за случајот во кој е обележан од американските власти се достапни за македонските институции.
„Доказите се тука, најголемиот дел од нив, не сите. Може да се отвори случај од она што е достапно тука и во регионот. Тоа е она што ние како амбасада се надеваме дека ќе се случи. Но, исто така, ние не сме орган на прогонот. Јас нема да му влезам никому дома, но се надевам дека ова ќе поттикне акција. Последните неколку имиња на црната листа навистина предизвикаа реакции“, истакна Агелер.
На прашањето за моменталната локација на Груби, амбасадорката рече дека не знае каде се наоѓа, а во однос на шпекулациите дека е во Албанија, нагласи дека често се пуштале гласини во Македонија.
Најважното, според Агелер, е дека „луѓето не бегаат ако немаат што да кријат“.
„Јас се надевам, како што велите, на одговорност – да ја преземеш одговорноста ако не си направил ништо погрешно. Ова важи за секој кој е ставен под санкции или под судска постапка. Ако немаш што да криеш, тогаш врати се и докажи го тоа. Постои правен процес овде, и дел од тој процес започна со господинот Груби во врска со различни обвиненија што му се покренати. Ако нема што да крие, треба да се врати и да се соочи со последиците“, нагласи Агелер.
Таа додаде дека јавноста во Македонија сака да види транспарентност и отворени процеси, бидејќи тоа е начинот да се врати довербата во институциите и судството.