Земјоделските навики за палење на стрништата по жетвата на оризот и на житените културни не се менуваат.

Штипскиот агроном, Љупчо Иванов со неколкудецинско искуство, ги советува земјоделците дека палењето на стрништата е штетно за почвата.

– Целиот азот што го има во почвата се уништува. Знаеме дека азотот е иницијалната каписла за растот и развојот на растенијата, кои потоа се развиваат во стебленца и даваат род. Се уништува целата микрофлора, односно се уништуваат сите микроорганизми. Палењето на стрништата е катастрофа, вели Иванов.

Посочува дека ако една година се насади пченица и се примени неговиот начин на третирање на земјоделските остатоци, до година може да се роди за 50 проценти повеќе јачмен. Според него, стрништата се палат од неискуство и незнаење.

Лани во источниот регион изгореа околу 1.000 хектари стрништа, од кои половина и неожнеани житни култури, лозја, овошни насади, а настрадаа и викендици, куќи, како и фотоволтаична централа.