Ахмети од Чаир порача: „Време е за нови избори, на сите нивоа“

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, одбележувајќи ја 23-годишнината од основањето на партијата во скопски Чаир, упати директен повик за организирање предвремени парламентарни избори заедно со локалните, уште оваа есен. Според него, ДУИ останува непоразена во 18 изборни циклуси, а партијата и понатаму, како што рече, ќе биде „силен фронт за стабилно владеење“.

  • „Политичките партии во Европскиот фронт се координираат. Во комуникација сме со сите конструктивни политички сили во земјава и мислиме дека на локалните избори ќе бидеме силен фронт за да владееме успешно со општините, но воедно сме силно определени со локалните да имаме предвремени парламентарни избори“, рече Ахмети од бината во Чаир.

Ахмети: Ја унапредивме улогата на Албанците во институциите

ДУИ во соопштение порача дека низ две децении успеале да ја унапредат улогата на Албанците во институциите, нагласувајќи ја позицијата на Албанец како претседател на Собранието и премиер како „непобитен доказ“ за достигнувањата.

  • „Достигнувања како што е првото претставување на Албанец на чело на Собранието и на функцијата премиер се доказ за одржливо унапредување на позицијата на Албанците во државата“, се наведува во партиското соопштение.

Ахмети во својот говор исто така ги нападна опонентите од коалицијата ВЛЕН, обвинувајќи ги дека во нивниот мандат се случува дискриминација и отстранување на Албанци од институциите, како и неправилности при вработувањето. Тој повторно повика на спроведување ветинг-процес кој би почнал токму од него.

Внатрешни тензии во Европскиот фронт: Села и Касами со критики

Покрај победничките пораки, на терен веќе се појавуваат првите пукнатини меѓу партнерите во Европскиот фронт. Лидерот на едното крило на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, изрази незадоволство од можната кандидатура на ДУИ за Струга, алудирајќи дека неговата партија треба да го добие тоа градоначалничко место.

  • „По логиката на нештата, за Струга останува кандидат да биде Алијанса за Албанците. Инаку, која би била логиката ние да бидеме во во коалиција, во еднa таканаречена коалиција Европски фронт“, изјави Села.

ДУИ сè уште нема официјален став по ова прашање, но според шпекулациите, партијата веќе има свој фаворит за градоначалник на Струга, што дополнително ја комплицира распределбата на моќта во рамки на фронтот.

Билал Касами од ВЛЕН директно го обвини Ахмети за нарушување на внатрешната кохезија.

  • „Али Ахмети, со обидот да го сруши ВЛЕН, за жал, посеа семе на раздор во Европскиот фронт. И претходно рековме дека не сме заинтересирани за такви ниски игри за тоа кој од каде доаѓа и каде оди. Европскиот фронт, со обидот да создаде криза во владата и државата, едноставно создаде криза кај себе“, изјави Касами за ТВ Алсат.