„Ахмети повторно бега од одговорност“
Коалицијата „Вреди“ излезе со соопштение во кое остро ја критикува Демократската унија за интеграција и нејзиниот лидер Али Ахмети. Според „Вреди“, секојпат кога Албанците ќе помислат дека Ахмети извлекол поука од, како што наведуваат, „лекцијата на САД кои ја ставија неговата сенка Артан Груби на црната листа за корупција и крадење“, тој повторно излегува со нови идеи. „Бара скенер за политичари, додека неговиот скенер е самиот Артан, кој е нон грата!“, стои во реакцијата.
„Селотејп коалиција без морал“
Од „Вреди“ ја нарекуваат коалицијата Ахмети–Села–Таравари „селотејп коалиција“, составена од „истрошени и исцрпени политичари без надеж“. Според нив, дури и луѓето најблиски до оваа тројка веќе ги гледаат како товар. „Ако направиме скенер на моралот на оваа коалиција, резултатите би биле шокантни,“ велат од партијата.
Потсетување на меѓусебните навреди
Во соопштението се потсетува на претходните изјави меѓу сегашните партнери: „Таравари за Али: ‘ментално болен’, ‘подобро со ѓаволот отколку со ДУИ’. Зијадин Села за Али: ‘криминалец’, ‘на 27 април се обиде да ме убие’. Али Ахмети за нив: ‘Ништожници’.“
„Ова е заветот што сакаат да им го продадат на Албанците – сојуз од навреди, омраза и лични интереси. Коалиција што се држи заедно не по принципи, туку со селотејп. Ако беа ‘скенирани’ за крадци, Ахмети и неговото семејство би влегле во Гинисовата книга на рекорди како рекордери за грабеж и богатење на грбот на Албанците,“ стои на крајот од соопштението на „Вреди“.