Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска изјави дека продолжуваат да преговораат со сите партии кои не се дел од албанската опозиција за постигнување коалициски договор за приклучување на Европскиот фронт.
– Има време, уште сме во преговори и со други партии. Тоа е процес кој е отворен подолго време. Веруваме дека во иднина како што го направивме овој важен, како што рече и Зејид, историски настан, да продолжиме во следните денови…Зборуваме со сите и со Алијанса и со Тачи и со Аријанит Хоџа и со Турската партија, со Бошњачката партија, со Ромската партија за да се приклучат на овој фронт, рече Ахмети на новинарско прашање по промоцијата на колицискиот договор со Движењето на народот на Скендер Реџепи Зејид.
Прашан во однос на Законот за рестриктивните мерки по последното дополнување на „црната листа“ на Стејт департментот на САД, Ахмети рече дека Законот е во Собрание, но е блокиран, и изрази уверување дека во иднина ќе помине.
-Ние не ја оспоруваме одлуката на Стејт департментот апсолутно и ќе прифаќаме секаква проценка што ја прави Стејт департментот. САД за нас е најважниот стратешки партнер како што е и ЕУ, рече Ахмети на прашање во врска со градоначланикот на Струга Рамиз Мерко, кој исто така се наоѓа на „црната листа“ на САД, а се уште е активен.
За тоа дали би го прифатил Изет Меџити ако се премисли и се врати во Европскиот фронт, Ахмети му порача „машки да си ја води работата“.
Во конктест на изјавата на Крешник Бектеши со која испрати предизвик кој ќе изгуби на изборите да се повлече од политиката, како и дали ако ДУИ изгуби на изборите или можеби не формира влада би се повлекле од политиката, Ахмети упати на предлогот даден минатата година до ВМРО-ДПМНЕ дека ДУИ е спремна на истиот ден кога ќе стапат во сила уставните измени да ја напушти Владата доколку е тоа предуслов опозицијата да ги поддржи уставните измени.
-Од големо значење е Уставот да се промени, земјата да се зачлени во ЕУ. Овде сме за мисијата, и нашата мисија е ЕУ, рече меѓу другото Ахмети.
Прашан на што ги темели обвинувањата од партијата во кои се предупредува за руско сценарио, и дека тоа ќе придонесе за политички немири во земјава по 8 мај, лидерот на ДУИ посочи на руската воена агресија врз Украина.
– Зависи со какви очи ги гледаме нештата. Но, кога Русија го загрозува светскиот мир со закана за употреба на нуклеарно оружје, Русија прави војна и бомбардира една суверена држава како што е Украина нема како да седиме мирни ние на Западен Балкан. Имено, јас и во мојот говор истакнав дека во нашата земја има партии кои се основани од Александар Дугин, кој е главата на руските политики и ова вие добро го знаете. Има медиуми, има телевизии и кому не му одговара мирот и стабилноста во Македонија и на Балканот? Секако дека Русија сака да има воени огништа насекаде за да ја прошири окупацијата што и ја има направено на Украина, вели Ахмети.