Дваесет години работевеме луѓето да бидат заедно, и вечерва дојдов во Чаир како продолжение на средбите што ги имавме од Полог до Скопје. Во последно време некои се лутат, но кај мене нема враќање назад! Ги почитувам одлуките на мнозинството од партиските тела, но не можам да излезам од патот трасиран со крв и вредности, истакна лидерот на ДУИ Али Ахмети на вечерашниот митинг во спортската сала „Шабан Трстена“ во Чаир.
Нашата мисија започна за обединување, да им го дадеме на Албанците тоа што историски го заслужиле, слобода, правда, еднаквост. Јас, Талат Џафери и сите како нас, мора да работиме да го трасираме овој пат и да го направиме просперитетен за новите генерации бидејќи времињата се сменија. Денес се бара образование, квалитет и експерти, па јас сум многу горд на тимот што го има ДУИ во Владата, а оваа гордост се зголемува кога добивам комплименти од меѓународни претставници за тоа колку е добар нашиот имиџ, рече Ахмети.
Порача дека треба да се задржат и поддржат тие професионални кадри да ги покажат своите вештини, а не да се задуши ДУИ.
Отворете ги рацете и прифатете ги младите, прифатете ја иднината, затоа што не можеме да бидеме дел од Европа без квалитетен и стручен кадар. Во 2001 година ми рекоа, зошто ти требаат Арбен Џафери и Имер Имери. Ни требаа затоа што ни требаше сплотеност и единство повеќе од кога било. Се надминавме себеси по многу прашања, бидејќи единството, сплотеноста ве прави важен, затоа што имаме морална и национална одговорност Албанците да бидат таму каде што заслужуваат, кажа лидерот на ДУИ.
Ги повика политичките лидери, политичарите да го остават на страна гневот, сите да се обединат за земјата да стане дел од Европа, бидејќи, како што наведе „членството во ЕУ е најголемата услуга што може да им се направи на албанските семејства за запирање на миграцијата“.
Патот кон ЕУ не се запира со пропаганда кон Артан, ние не сме воз туку незапирлив урган, и не излегувајте пред него зашто ќе ве оддува, порача Ахмети.