Во седиштето во Мала Речица лидерот на ДУИ Али Ахмети одржа прес-конференција на која беше присутен министерот за транспорт на Косово кого Ахмети го примил по официјално барање од косовскиот премиер Аљбин Курти. Ахмети изјави дека е разговарано за реализација на проектот за изградба на пат од Тетово до Призрен и нагласи дека во интерес на двете држави е преку официјални разговори да се поттикне економската и друга соработка.
„Во интерес нашата држава е развој на соработаката со Косово како и развој на соработката и со другите соседни земји, зашто треба да имаме предвид дека регионот мина низ конфликти и војни со тешки последици. За да се биде успешен во градењето добри односи со народите и граѓаните, потребна ни е подобра соработка“, рече Ахмети.
Во таа насока Ахмети рече дека изградата на пат од Тетово до Призрен, кој е проектиран, ќе биде од особен интерес на двете земји. Важно е да се започне што побрзо со изградбата на овој пат, рече лидерот на ДУИ.
„Мора да се концентрираме на тоа како да ги развиваме натаму пријателските односи“, нагласи Ахмети.
Косовсвкиот министер рече дека, меѓу другото, треба да се пристапи на проектирање на тунелот што ќе минува низ Шар Планина и потоа да се започне со изградба на патот Тетово-Призрен кој ќе придонесе и за развој на туризмот, покрај на економската соработка.
Тој му се заблагодари на Ахмети што му овозможи да дојде и да разговараат за проектот.
Инаку, за изградба на пат од Тетово до Призрен во петокот во Вејце, на Шар Планина разговараа градоначалникот на Тетово и лидер на опозициската Беса, Биљал Касами и косовскиот премиер Аљбин Курти, кој беше во неофицијална посета и кој не побара средба со државниот врв ниту со лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети.