Седницата ја отвори Ахмети и по верификација на мандатите, за претседател на Собранието беше избран Зијадин Села. Потоа 120 пратеници изгласаа уставни амандмани, а новиот парламентарен состав го инаугурира новиот претседател на државата Бујар Османи.

Додека партиите вчера ги запалија моторите за кампањата за парламентарните избори што ќе се одржат на 8 мај, на Европскиот фронт предводен од лидерот на ДУИ Али Ахмети како да не му треба кампања, зашто веќе го конституира новиот парламентарен состав: избра претседател на Собранието – Зијадин Села, но и нов шеф на државата – Бујар Османи. Европскиот фронт кампањата ја почна со симулација на првата конститутивната седница на парламентот.

Седницата ја отвори Ахмети и, како што бива според собранискиот Деловник, верификациската комисија ги верификува мандатите на новите пратеници. За претседател на Собранието беше избран Зијадин Села од Алијанса за Албанците. По ова следуваше најбитната точка – гласање на уставните амандмани, со кои бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египетскиот народ станаа дел од Уставот, а за тоа гласаа 120 пратеници. На истата седница, новиот парламентарен состав на Европскиот фронт го инаугурира новиот претседател на државата Бујар Османи. По обраќањето на Османи, првата конститутивна седница на Собранието беше завршена.

Од симулацијата на конститутивната седница во режија на Ахмети остана нејасно дали тој беше премиерот, зашто претходно, почетокот на кампањата за парламентарни избори ја најави вицепремиерот Артан Груби преку Фејсбук, и тоа со слоганот „Али Ахмети еден премиер за сите“.

– Нашата земја треба да се стреми кон мир со сите земји од регионот, да се стреми кон промена на Уставот и инкорпорирање на малите заедници кои живеат во оваа земја како уставна категорија што би имало значајно влијание. Едногласно ја поддржуваме измената на Уставот, поддржуваме по пет години актуелниот претседател да покрене иницијатива шефот на државата да биде избран во Собранието. Ние сме парламентарна република и мора да се оствари парламентарната демократија идниот претседател да биде избран со мнозинство парламентарци, со принципот на Бадентер, затоа, господине претседателе, даваме целосна поддршка промените во оваа држава да се придвижат напред – рече Ахмети.