Ахмети ќе одлучи по вториот круг на локалните избори

Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, сериозно размислува за повлекување од активната политика, јавува албанскиот медиум „Фол“.

Според информациите добиени од ДУИ, Ахмети веќе разговарал за оваа можност со најблиските соработници, како и со политички партнери од Албанија и Косово. Конечната одлука се очекува да биде соопштена по завршувањето на вториот круг од локалните избори, за да не влијае врз резултатите на кандидатите на партијата.

Засега нема официјален коментар од ДУИ или од самиот Ахмети, кој по првиот изборен круг на 19 октомври не се огласил ниту во медиумите, ниту на социјалните мрежи. На тие избори, коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, победи само во општините Липково и Пласница. Во Пласница, пак, коалицијата ВРЕДИ не предложила кандидат.

По првиот круг, особено по поразот во Чаир, челниците на ВРЕДИ побараа оставка од Ахмети. Кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, кој загуби од Изет Меџити од ВРЕДИ во Чаир, на Фејсбук напиша дека „Али Ахмети е и останува неоспорен идеолог и лидер на Албанците“.

Интересно е што топката сега е кај претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој забележа уште покатастрофални резултати од Ахмети. Иако тоа не му одговара на владејачкиот табор, слабите резултати на противничкиот табор се во полза на власта, која би можела да гледа на тоа како на поволна ситуација.