„Јас ја уништив Југославија“
Можеби најсилната порака од брифингот беше неговото предупредување за тоа што би се случило доколку политичката ситуација не се развива според „Планот А“ (развој и напредок), пренесе 4news.
„Ако излезам на улица, никогаш нема да се вратам дома. Јас не сум претставник на мачки, туку на лавови“, дециден беше Ахмети.
Во свој стил, тој се осврна на своето минато, тврдејќи дека никој во Македонија не го познава национализмот подобро од него.
„Нема никој во Македонија кој знае подобро од мене како да прави национализам. Јас ја уништив Југославија и 20 години го спроведував проектот 1981 – 2001“, рече лидерот на интегративците.
Нови услови: Бадентер во Уставен и двојно мнозинство за Влада
Ахмети постави нови „црвени линии“ за идните коалицирања. Тој бара нов „Национален договор за развој“, но со конкретни системски измени:
Избор на Влада: Да се воведе принцип на „двојно мнозинство“ (Бадентер) при изборот на владин кабинет.
Уставен суд: Бадентеровиот принцип да се применува и при одлучувањето во Уставниот суд.
Според него, ова ќе биде услов за учество во какво било идно управување со државата. Тој додаде дека Охридскиот договор е компромисен и не е совршен, оставајќи простор за негова надградба.
„Кој сака нека си оди“
Во однос на внатрепартиските турбуленции по 5-тиот Конгрес, Ахмети покажа ноншалантност. Тврди дека незадоволството е сведено на „две-три лица“ кои останале без функции.
„Оние кои си одат затоа што немаат функции, нека си одат“, порача Ахмети, додавајќи дека Абдил Селам Селами веќе се извинил и останува лојален на партијата.
За Села, Тачи и бизнисмените
Ахмети ги коментираше и односите во „Европскиот фронт“:
За Мендух Тачи: Има договор и тоа не му штети на Фронтот.
За Зијадин Села: Ахмети смета дека Села се обидува да изгради сопствениот идентитет бидејќи се чувствува во сенка на ДУИ, но не верува во шпекулациите дека Села ќе го поддржи Невзат Бејта за градоначалник на Гостивар.
Лидерот на ДУИ упати критики и кон стопанските комори, обвинувајќи ги дека „создаваат поделби и ги поддржуваат олигарсите“.
За напролет, ДУИ најави нов, тематски конгрес, на кој ќе се дефинира новата идеолошка матрица на партијата по консултациите со базата.
