По завршувањето на локалните избори во Македонија, можеме да констатираме дека СДСМ и ДУИ се најголемите губитници во трката за градоначалници. Имено, Зоран Заев како претседател на СДСМ и премиер на Република Македонија уште истата вечер по објавувањето на резултатите објави дека поднесува оставка од двете позиции. Она што е интересно и зачудувачки е фактот што наместо партиското раководство на СДСМ и најблиските соработници на Зоран Заев, заштитнички прв настапи коалициониот партнер и претседател на ДУИ, Али Ахмети.

Во неколку наврати сведочевме како Али Ахмети потенцира дека тој има личен договор со Зоран Заев и дека поради тоа тој не смее да помисли на оставка, односно дека нивната соработка е договорена од надвор и со поддршка од ЕУ. Тој исто така потенцираше дека нивниот договор кој го направиле по завршувањето на парламентарните избори во 2016 не содржел можност за оставка и бегање од одговорност се додека се во иста коалиција, бидејќи тој не е градоначалник на Струмица, туку премиер на држава.

Со цел да се случи политичко спасување на ДУИ, Али Ахмети практично го моли Зоран Заев да не поднесува оставка и да продолжи да работи со својот тим, иако пред само неколку дена СДСМ и ДУИ практично ги загубија локалните избори и ја изгубија поддршката од граѓаните. Али Ахмети вели дека Зоран Заев мора да остане на премиерската функција поради евроинтеграцискиот процес кој не смее да запре, иако претставниците на ЕУ на неколку пати повторија дека казната која што стигна на локалните избори е исклучиво поради лошите политики на Зоран Заев и СДСМ кон ЕУ, но и кон граѓаните.

Поради сите овие невообичаени појави јавноста се прашува зошто Али Ахмети повеќе се интересира и се грижи за СДСМ, отколку за ДУИ? Дали внатрепартиската соработка и соработката на лична основа помеѓу Заев и Ахмети е толку силна, па Ахмети се грижи каква ќе биде иднината на СДСМ?