Министерството за транспорт и врски потврди дека американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ утре стартува со градежни работи за пробивање на трасата на автопатот Гостивар Букојчани.

Како што појаснуваат од Министерството, на терен покрај најавените геомеханички истражувања, ќе се врши минирање и изградба на пристапни патишта.

А1он дознава дека како фирми подизведувачи се јавуваат компаниите „АК инвест“, „Еуровиа“ и „Стентон градба“.

Според порталот овие фирми се дел од најавените домашни компании на кои „Бехтел и Енка“ како изведувач им го има доверено извршувањето на дел од работите.

Тетовската компанија „Ак инвест“ е една од најсериозните и најпрофесионалните компании во областа на градежништвото. Оваа компанија од Тетово соработува во многу проекти со светски познати компании. Компанијата има успешно реализирано и проекти вредни над 10 милиони евра.

„Еуровиа“ е фирмата која го доби тендерот за пренамена на спортскиот центар Борис Трајковски за конференцијата на министерскиот совет на ОБСЕ, а во моментов документите за тендерот се на разгледување во ДКСК и во ОЈО. Третата фирма пак, битолската „Стентон градба“ е една од најзвучните во Битола, а во последните 12 месеци има добиено 21 тендер.