Востанието на 11 октомври, со кое почнува ослободувањето на македонскиот народ од фашистичката окупација, претставува камен-темелник, меѓа во борбата за самобитност и за самостојност на Македонците, вели претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, во интервју на ТВ Алфа за емисијата „За или против“ со новинарот Љупчо Цветановски. Денес, за жал, сме сведоци на негирање на овој настан, на негирање на постоењето на македонскиот народ, негирање на ослободителниот и антифашистичкиот карактер на востанието, потенцира првиот човек на врвната научна институција.

„Два непобитни факти се поврзани со овој настан. Првиот факт е дека државата Бугарија, а не бугарската нација, во определен период била фашистичка држава. Историски факт е дека Бугарија била фашистичка држава во периодот од април 1941 година до септември 1944 година. Според Хашкиот правилник од 1907 година, член 42, една територија се смета за окупирана кога ефективно се наоѓа под власт на некоја непријателска армија. Од друга страна, во светските речници, под окупација се подразбира запоседнување, освојување на една држава, или на дел од нејзината територија, од страна на војската на некоја туѓа држава. Така, во 1941 година, делот од Кралството Југославија, територијата што се нарекувала Вардарска Бановина, била освоена, окупирана од фашистичка Бугарија. Вториот факт е дека, прво, современата македонска држава е помлада од македонскиот народ, и, второ, дека најголемиот дел од населението на Вардарска Бановина, на денот на окупацијата од фашистичка Бугарија, се чувствувале како Македонци. Така, 11 Октомври е востание против ропството на Македонците од фашистичка Бугарија“, потенцира академик Коцарев.

„Иако, ова се непобитни и познати работи за кои и други пишувале, честитајќи им го празникот на сите граѓани на Република Македонија, би сакал уште еднаш да подвлечам дека оддавајќи им почит на сите учесници во вооруженото антифашистичко и народноослободително востание, ние треба да ја чуваме основната придобивка на востанието – државноста, за што многумина го дадоа својот живот“, вели претседателот на МАНУ во интервју за „За или против“.