Денешните односи меѓу Бугарија и Македонија историски гледано се обременети од три работи: Прво, трите изгубени вооружени војни за освојување на територијата на денешна Македонија, второ, неуспешните обиди за асимилација на македонскиот народ во минатиот век и трето – тековната четврта (психолошка/хибридна) војна започната од Република Бугарија против истиот народ и територија, посочува претседателот на МАНУ, Академик Коцарев во интервју за „Што не е јасно“ на ТВ Алфа. .
„Пред речиси еден век, во статијата „Самоопределението на Македонците“, објавена на 25 март 1925 година, Мисирков ќе напише: „Мислам дека само во слогата, во соработката помеѓу Србите, Македонците и Бугарите е спасот на сите нас… Најважниот услов за соработката помеѓу Србите, Бугарите и Македонците е, меѓутоа, полната слобода во самоопределувањето на Македонците“
Каква е состојбата денес? Србија одамна го призна просторниот и милениумскиот континуитет на македонскиот јазик и идентитет. Неодамна, Светиот Собор на СПЦ едногласно ја прифати автокефалноста на МПЦ – ОА.
Што се однесува до Бугарија, таа има проблем со историјата и со јазикот на македонскиот народ, додека Грција со терминот „Македонија“ и нејзините деривати. Нивните проблеми денес се решени. Грција го постигна тоа што го бараше токму со Преспанската спогодба: термините „Македонија“ и сите нејзини деривати во меѓународната употреба се резервирани само за Грција, што, впрочем, е потврдено и во ООН. Бугарија, пак, го постигна тоа што го бараше со Протоколот: Бугарија да ја надгледува и пишува историјата на македонскиот народ, а како последица на тоа, македонскиот јазик да стане дел од бугарскиот, тргнувајќи од официјалниот став на Бугарија: „Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета за признавања од страна на бугарската страна на постоењето на т.н. ‘македонски јазик’, одвоен од бугарскиот“, посочува академик Коцарев во интервјуто со новинарот Љупчо Цветановски.
Термините „Македонија“ и сите нејзини деривати во меѓународната употреба се резервирани само за Грција. Но, за жал, не само за меѓународна употреба.
Мене ми се познати само два државни документа со кои се забранува употребата на терминот Македонија. Првиот документ, од 25 март 1903 година, е наредбата на султанот Абдул Хамид II со која се забранува употребата на називот „Македонија“. По повод цензурирањето на Библијата, на пример, весникот „The Times Dispatch“ од 5 јули 1903 година, на страница 3, пишува: „Американската библиска издавачка куќа, задолжена за печатење на Светата книга, официјално беше спречена од турскиот цензор, кој го забрани зборот ‘Македонија’ во посланијата на апостолот Павле и инсистира истиот тој да биде заменет со ‘Вилаетите Солун и Монастир’ за да дозволи да се печати Библијата“. Вториот документ е Решение на министерот за правда на Република Македонија со кое се забранува употребата на името „Македонија“ при регистрација на правни субјекти. Така, на пример, во Република Македонија, стотина години подоцна, Министерството за правда забрани невладиното здружение „Млади за Македонија“ од Гевгелија да го содржи името „Македонија“.