На територијата на Македонија за време на заедничка акција на МВР со повеќе надлежни институции координирана од Генералниот секретаријат на Интерпол, се извршени 1.540 проверки на лица и 1.467 моторни возила. Одземени се 10 возила и еден мотоцикл под сомнение за фалсификат.
Од МВР информираа дека во соработка со Царинската управа, Јавното обвинителство, Пазарната инспекција и Управата за јавни приходи, во тесна координација со Генералниот секретаријат на Интерпол, учествувале во глобална операција против криминал со моторни возила, координирана од Генералниот секретаријат на Интерпол.
Операцијата била спроведена во 77 држави, при што во овие држави откриени се 1.121 украден автомобил и 64 мотоцикли.
При преглед на плац за продавање на делови за моторни возила т.н. авто отпад извршена е идентификација на 62 возила за кои е утврдено дека имало избегнати давачки, со што правното лице и одговорното лице на правниот субјект сториле Кривично дело по член 278-б став 1 и став 3 од Кривичниот законик, се појаснува во соопштението од МВР.
Од МВР апелираат до граѓаните да внимаваат при купување на половни моторни возила и увоз од странство, особено на веродостојноста на документите и потеклото на возилото согласно законодавството во државата од каде се увезува.