Полицијата во Прилеп ноќеска лиши од слобода три лица кај кои е пронајдена дрога, а санкционирани се 20 возачи, од кои 14 се исклучени од сообраќај.
МВР соопшти дека во текот на изминатата вечер од страна на патролни тимови составени од полициски службеници од Одделот за униформирана полиција, Единицата за брзо распоредување, Посебната единица за поддршка, Единицата за интервентна полиција и Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп беа спроведени контроли на лица и патнички возила на подрачјето на Прилеп.
За време на контролите лишени од слобода се три лица. При преглед кај едното лице билe пронајдени поголема количина таблети „екстази” и кокаин, додека кај останатите две лица пронајден е кокаин. Против лицата ќе биде поднесена пријава по чл.215 од Кривичниот законик.
Во периодот од 21.00 до 04.00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведе засилена акциска контрола на територијата на град Прилеп за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. При контролата санкционирани се 20 возачи, од кои 14 се исклучени од сообраќај, соопшти МВР.