Контроверзни прашања од предметот Образование за животни вештини за средно образование се споделуваат денеска на социјалните мрежи.
Прашањата се наоѓаат во работните листови за овој предмет, во делот „Индентитети“, и се однесуваат на хетеросексуалноста и нејзиното преиспитување.
Објавени се на страната за Бирото за образование, чиј потпис стои на наставниот материјал, а подолу се дел од прашањата:
Што сметате дека ја предизвика вашата хетеросексуалност?“
„Дали е можно вашата хетеросексуалност да е само фаза којашто ќе ја надминете?“
„Дали е можно вашата хетеросексуалност да потекнува од страв од истиот пол?“
„Зошто вие хетеросексуалците се обидувате да ги натерате сите да бидат со вашата сексуална ориентација?“
„Дали би сакале вашето дете да биде хетеросексуалец/ка знаејќи ги проблемите со кои се соочуваат како прељуби, болести, разводи?“
„Ако хетеросексуалноста е нормална, тогаш зошто толку многу хетеросексуалци се лица со ментални нарушувања?“
Иако човек тешко може да поверува, сепак, ова се прашања во работната тетратка за средношколци за предметот Образование за животни вештини.
Автор на прашалникот е извесен Ерик Џост, активист и обучувач на Адвокати за млади (Advocates for Youth), а учебникот е одобрен од Бирото за развој на образованието (БРО).
Ваквите скандалозни прашања предизвикаа бура од реакции на социјалните мрежи, а меѓу првите што реагираше е д-р Александар Митов, кој преку Фејсбук го повика министерот за образование Јетон Шаќири да ѝ даде објаснување на јавноста.
„Што се случува, луѓе? Министре Шаќири, во ред ли е ова? Ова ли се вредностите на ДУИ? За СДСМ не ни прашувам. Е само овој учебник да е, а не е само ова, мора да паднат од власт, нема друго решение. Просто се решени да тераат агенди спротивни на волјата на 90% од населението. А едно друго прашање од ‘учебников’, пак, вели, од кај знаеш дека хетеросексуалноста не ти е САМО ФАЗА? Демек, да се предомисли детето. Не можам да поверувам колку тенденциозно е пишувано, со јасна намера да ги збуни децата, да ги тера во тој правец“, напиша д-р Митов.
И пасторот на Евангелската црква Филип Иванов реагира дека прашањата се манипулативно формулирани и насочени кон децата.
„Ете вакви и пострашни нешта допрва ‘се готват’ во кујните на сите тие невладини организации, во соработка со неколку пратенички од Собранието. Според нив, ова се основните животни вештини кои им се потребни на децата и младите. Секако, зашто без ова како поинаку ќе регрутираат деца за својот изопачен и хипер-сексуализиран светоглед? Поради ова, а и еден куп други нешта, апел до вас родителите: обрнете поголемо внимание на своите деца, внимавајте што им се сервира како нормално, бестрашно предизвикајте ги ‘авторитетиве’ и дајте им до знаење дека нашите деца се наши деца, не ѝ припаѓаат на државата или на родовите идеолози кои сакаат да експериментираат со психата, односно душите на децата и младите. За доброто на децата, ова нема да им помине“, напиша Иванов.