Лидерот на СДСМ Венко Филипче беше прашан во телевизиско интервју да го објасни терминот ДОС – што е тоа и што значи. Тој одговори дека ДОС не е терминологија на СДСМ, дека не излегол од нив, туку дека излегол од јавноста, од луѓето што го користат по медиуми. Но, како што може да се види, СДСМ често го користи терминот ДОС во нивните партиски соопштенија.
Во медиумите се пишуваше за иницијатива на поранешни функционери на СДСМ, кои не планирале да ја преземат партијата, туку сакале да понудат поинаков концепт за зајакнување на партијата. Таа неформална иницијатива беше именувана како ДОС од страна на СДСМ во партиски соопштенија и како платформа за уривање на СДСМ.
„Се создава ДОС во кој нема место за СДСМ. Се оградуваат од своето минато, нема имиња. Кога ќе излезе списокот, на граѓаните ќе им стане јасно кои се тие што, како што велат, ‘не се борат за фотелји’. Во брифингот објавен во медиумите велат дека ВМРО е силна партија, а опозицијата е распарчена на мали партии. Со тоа докажуваат и дополнително сакаат да ја распарчат“, соопшти СДСМ неодамна во врска со оваа платформа.
View this post on Instagram
Инаку, ДОС во Србија е кратенка за Демократска опозиција на Србија — широка политичка коалиција која одигра клучна улога во падот на режимот на Слободан Милошевиќ.
ДОС беше сојуз на 18 опозициски партии формиран во 2000 година, со цел да го порази Милошевиќ на избори, да ја врати демократијата во Србија, да ја отвори земјата кон Европа.
Коалицијата победи на претседателските избори во септември 2000 година со кандидатот Војислав Коштуница. Кога режимот одби да ја признае победата, следуваа масовни протести, кои кулминираа на 5 октомври 2000, денот кога Милошевиќ беше симнат од власт.
По падот на режимот, ДОС формираше влада во која премиер стана Зоран Ѓинѓиќ, по што започнаа реформи и приближување на земјата кон Западот. Но, коалицијата брзо се распадна поради внатрешни конфликти и различни визии за иднината на Србија.
Накратко, ДОС беше клучниот политички блок што го урна Милошевиќ и ја отвори Србија кон демократски промени, но не опстана долго како единствена политичка сила.
Извор: Плусинфо
