Претседателот на Собранието, Талат Џафери, по враќањето од посетата на Киев и средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, денеска во законодавниот дом рече дека Украина ќе добие различен вид на помош од Македонија, во зависност од потребите кои подоцна ќе бидат определени, а ако треба и воена.

– Како општа определба на државата е да се подржува Украина и украинскиот народ. Така и јас отидов да дадам лична поддршка за земјата да ја врати контролата на целата територија. Таа поддршка е повеќезначајн , може и во финансиски, материјален и санитарен аспект во зависност што ќе побара Украина. Секако може да биде и воена.

Обврските ќе произлезат од потребите што ќе се искажат и како Собрание треба да ги дефинираме злоделата кои што се направени таму и ќе бидеме во кординација со другите чинители за да се иницира таква резолуција, рече Џафери.

За своето патување во Киев спикерот рече дека ги известил премиерот и претседателот, а ги истакна и своите впечатоци.

– Зоната во која што се движевме беше надвор од воени дејствија и намерата беше да се видат на самото место последиците. Позитивенмомент беше што луѓето се свесни што им се случува и работоспособните си одеа на работа, земјата е обработена и впечатокот е дека моралот и на ѓраѓаните и на институциите е на високо ниво, наведе Џафери.