Активни се 14.336 случаи во државава од кои најголем број 8031 се во Скопје. Според вчера објавените податоци при направени се 4.667 тестови, регистрирани се 1.543 нови случаи со КОВИД-19, 18 починати лица и 1.961 оздравен пациент.

Примероци од пет пациенти тестирани за КОВИД-19 со наменски тестови кои ги користи Институтот за јавно здравје се селектирани за секвенционирање, кое почнува во понеделник, а дали кај нив ќе се потврди присуство на варијантата на омикрон позната како БА2 ќе се знае по завршувањето на секвенционирањето односно по една недела. Официјалниот извештај ќе следи откако ќе заврши целата процедура, изјави вчера за МИА д-р Дугадин Османи од Институтот за јавно здравје.

Овие пет, посочи тој, имаат индиции на овој тест дека се работи за таа подваријанта, но не може да се потврди додека не заврши секвенционирањето.

– Начинот да се потврдат кои било варијанти нови или тие што веќе се во оптек во светот е секвенционирањето. Во светот има и нови тестови кои даваат насоки за која варијанта или подваријанта се работи. Тие се наменски направени за постоечките варијанти. Во ИЈЗ ги користиме и тие тестови и тие најмногу користат како тест за селекција за секвенционирање. Не само тие пет може да има и други селектирани примероци. Можно е да се најде варијанта која воопшто не постои во светот, рече д-р Османи.

Од Министерството за здравство за МИА информираа дека до овој момент, во лабораторијата на Институтот за јавно здравје не се детектирани подваријанти на омикрон.

– Стручните лица ги селектираат примероците кои се квалификуваат за да се секвенционираат и јавноста навремено ќе биде информирана за сите нови аспекти од овој процес, потенцираа од Министерството за здравство.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат во консултација со Министерството за здравство, со Агенцијата за заштита на личните податоци и со Владата го изготвува дигиталниот модел за испорака на информациите и решенијата за изолација до граѓаните заради утврдена инфекција или заради контакт со позитивен од КОВИД-19.

Моделот, како што соопшти владината прес-служба, подразбира дека секој граѓанин кој има потреба да дојде до сопственото решение ќе има пристап преку веб-страница единствено до своето решение за изолација без да има увид во податоците на другите граѓани на кои им е издадено решение за изолација.

За постапката за пристап до решенијата која ќе се одвива преку веб платформа, граѓаните ќе бидат навремено информирани во рокот утврден за примена на новиот начин на испорака на решенијата за изолација до граѓаните, информираат од владината прес-служба.

Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 272.437, бројот на оздравени пациенти е 249.631, на починати е 8.470.

Голем број новозаболени и починати се регистрирани во држави од регионот и пошироко, а неколку европски земји почнаа да ги укинуваат рестриктивните мерки.

Според последните податоци, ситуацијата со коронавирусот во Србија не се смирува, тестирани се речиси 40.000 луѓе, секој втор е разболен, а се очекува бројот на заболени да продолжи да расте и во следните десет дена, јави дописникот на МИА од Белград.

Од српското Министерство за здравство информираат дека коронавирусот е потврден кај 17.851 лице, од 36.874 тестирани примероци. Починале 61 пациент. На респиратори се 166 пациенти.

Албанската министерка за здравство Огерта Манастирлиу рече дека 56 отсто од населението во земјата е целосно вакцинирано, но истакна дека е премногу рано да се прогласи победа над пандемијата КОВИД-19. За време на презентацијата на последните одлуки на Здравствената експертска комисија, Манастирлиу рече дека ситуацијата е под лупа. Според неа, досега аплицирани се 2,6 милиони дози вакцина. Што се однесува до вакцинацијата на популацијата над 16 години вакцинирани се 56 отсто од оваа популација со една и две дози.

Ситуацијата со новозаразени од Ковид-19 се стабилизира во Белгија последните денови, но подваријантата БА.2 загрижува, јави дописничката на МИА од Брисел. Универзитетската болница во Лувен алармира дека бројот на инфекции од подваријантата БА.2 е дупло зголемен за една недела, и дека не може да се исклучи втор пик на инфекции поради овој нов сој. Болницата во својот извештај констатира дека БА.2 се пренесува уште побрзо од изворниот сој омикрон, БА.1.

Русија, Чешка и Словачка вчера евидентираа рекорден број случаи на коронавирус, соопштија здравствените власти во овие земји, погодени од варијантата омикрон.

Во Русија, бројот на дневни случаи се искачи на 141.883, а еден ден претходно беше 125.836. Работната група на владата регистрирала 678 смртни случаи во последните 24 часа. Сепак, руските власти вчера соопштија дека немаат намера да воведат нови мерки и покрај огромниот пораст на случаите.

– Здравствениот систем опстојува, смртноста не е поголема од периодот низ кој поминавме последните две години, рече Ана Попова, шефица на руската здравствена агенција Роспотребнадзор. Затоа, рече таа во интервју за руски медиуми, сега не гледаме причина за воведување посебни ограничувања.

Русија има повеќе од 680.000 мртви од почетокот на пандемијата, што е еден од најлошите смртни биланси од коронавирус во светот.

Чешка вчера имаше 57.195 нови случаи, што рекорден број од почетокот на пандемијата. Чешкото Министерство за здравство регистрирало 9.775 случаи на повторна инфекција во земјата со 10,7 милиони жители. Бројот на хоспитализирани е 2653, што е многу помалку од претходните ситуации.

Во Словачка за еден ден се пријавени повеќе од 20.000 нови случаи на инфекција, по првпат од почетокот на пандемијата. Словачка, земја со 5,5 милиони жители, евидентираше 20.224 новозаразени, од кои околу 61 отсто се невакцинирани, соопшти Министерството за здравство.

Француската влада, по неколку други европски земји, како Велика Британија и Данска, вчера почна со укинување на некои ограничувања за пандемијата на Ковид-19, одлука што предизвикува поделби во контекст на сè уште тензичната здравствена ситуација.

Норвешка ќе ги укине поголемиот дел од преостанатите мерки воведени поради ширењето на Ковид 19, бидејќи е малку веројатно дека постојаното зголемување на бројот на случаи на коронавирус ќе го загрози здравствениот систем, изјави премиерот Јонас Гар Сторе.

Подвидот на сојот омикрон, наречен БА.2 или како што некои научници го нарекуваат , е откриен во 57 земји, соопшти вчера Светската здравствена организација, додавајќи дека прелиминарните податоци покажуваат дека е позаразен од другите видови на омикрон.

Списанието „Форбс“ пишува дека во изминатите шест недели, подвидот омикрон БA.2 почнува да го презема приматот над оригиналниот сој на омикрон (БA.1), според податоците испратени до GISAID (Глобална иницијатива за информации за грип), додаде СЗО.

Иако БA.1 сè уште претставува повеќе од 96 проценти од секвенционираните случаи на омикрон, на БA.2 отпаѓа повеќе од половина од секвенционираните омикрони примероци во некои земји, наведува СЗО во неделен извештај. СЗО соопшти дека малку се знае за разликите меѓу подвидовите на омикрон, иако, како што веќе беше споменато, постојат индикации дека БA.2 е позаразна од БA.1.

Техничката директорка на СЗО, Марија ван Керхкова, изјави пред новинарите дека „нема индикации дека има промени во сериозноста на болеста“ со подвидот БА.2.