Во текот на утринските часови не се гледа ни чад, ни оган на кракот кон селото Раовиќ кај антената на „Т-мобиле“. Се уште гори нискостеблеста мешана и деградирана шума, соопшти на денешната редовна прес-конференција Надица Вчкова од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Се уште е активен пожарот во атарот на селата Ракле, Никодин и Топлица во општина Прилеп е се уште активен, но засега нема опасност од проширување.

Повторно е активиран пожарот на планината Готен кај село Нивичино, место викано Калинско.

– Во моментов интервенираат лица од Шумско стопанство „Беласица“, а на истиот пожар, кој гори и од страна на беровска територија интервенираат лица од Шумско стопанство „Малешево“ од Берово и од Шумско стопанство „Равна река“, екипа на Територијалната противпожарна единица од Берово, лица од Дирекцијата за заштита и спасување, како и месното население од село Владимирово, изјави Вчкова.

Се уште е активен пожарот во селата Куново, Којково и Луково во Кратовско. Гори шумска постелка и суви корења. Вчкова информира дека во моментов се прави проценка за опасност од проширување на овој пожар, по што ќе биде одлучено за понатамошниот тек за гаснење.