Активни осум пожари во земјава, најкритично во Николиќ, Крушје и Локвица

До 18:30 часот денес, активни осум пожари се регистрирани на територијата на Македонија, информираше Центарот за управување со кризи преку официјалниот Фејсбук профил. Само еден е под контрола, а 12 пожари се целосно изгаснати.

Активни се пожарите кај:

  • селото Николиќ (Дојран)

  • Џидимирци и Крушје (Велешко)

  • селото Ласки (Виница)

  • Локвица (Македонски Брод)

  • Чучер Сандево

  • Шуто Оризари (отпад)

  • Чегране (Гостивар)

  • Усмин Дол (Куманово)

Најсилна интервенција во село Николиќ – користени водени топови, авион и хеликоптер

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, посочи дека пожарите кај Николиќ, Крушје и Локвица се најкритични. Во село Николиќ, пожарот беснее повеќе од една недела.

„Екипите на ‘Национални шуми’ од утрово се на терен, заедно со пожарникари од Валандово, Гевгелија и Кавадарци, како и доброволци. Вклучени се и водени топови, а еден ер-трактор ‘амфибија’ на ДЗС фрла вода од Дојранското Езеро,“ изјави Ангелов.

Дополнително, во акцијата се вклучил и армиски хеликоптер со ведро од три тона, кој дејствувал од 13:00 часот и за три часа исфрлил 45 тона вода.

Пожарот во Црешнево под контрола, 12 жаришта изгаснати во повеќе региони

До вечерта, под контрола е пожарот меѓу селата Црешнево, Слатина и Девич, во Македонски Брод.

Изгаснати се:

  • кракот од пожарот кај Горнањи (Чучер Сандево)

  • пожарот кај гостиварскиот стадион

  • пожарот во Перово (Ресен)

  • два пожара во Куманово (ФЗЦ и Пармакови ниви)

  • кај Пелинце (Старо Нагоричане)

  • кај Ѓошинска мала (Крива Паланка)

  • депонијата кај Милутинци (Старо Нагоричане)

  • Оровник и населбата Далјан (Охрид)

  • кај хотел „Салида“ на патот Прилеп – Битола

  • пожарот меѓу Лажани и Ропотово (Прилепско)