Седум нови пожари, активни се пет

Според последните информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК), денеска биле евидентирани седум нови пожари на отворен простор. Од нив, пет се активни, еден е ставен под контрола, а еден е целосно изгаснат. До вчера наутро, заклучно со 8:00 часот, во земјава биле регистрирани вкупно 29 пожари на отворен простор, од кои пет сè уште се активни.

Моментално се активни пожарите во следните региони: во селото Желино, во насока кон Еребино на планината Жеден, каде што се зафатени нискостеблеста шума, грмушки и ниска вегетација – пожар кој се оценува како најсериозен. Активен е и пожарот кај селото Нивичино, во Општина Василево, каде што гори смрека, грмушки и ниска вегетација. Повторно е активиран пожар и во Општина Македонски Брод, меѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа, каде што се гори деградирана дабова шума и грмушки. Исто така, пожар беснее и во Општина Прилеп, помеѓу селата Царевиќ и Смолани, каде што е зафатена мешана шума и ниска вегетација.

Од ЦУК известија дека пожарот во Општина Велес, во атарот на селата Џидимирци, Крушје и Иванковци, е ставен под контрола, додека оној во село Слатина, Општина Македонска Каменица, е целосно изгаснат.

Институцијата апелира до граѓаните за максимално внимателно однесување, особено во услови на високи температури и суша, за да се спречи настанување на нови пожари.

Интервенција во Ложани: пожарникари со здравствени компликации

Голем пожар денеска избувна на земјоделско земјиште кај струшкото село Ложани, при што тројца пожарникари завршија во болница поради респираторни проблеми. Пожарот, пријавен во 13:13 часот во ОВР Струга, зафатил околу 20.000 квадратни метри со посеви од пченица, јачмен и други култури, сопственост на неколку жители од селото.

На терен интервенирале пожарникари од Територијалната противпожарна единица Струга, кои го локализирале и изгаснале пожарот. Тројцата пожарникари, при гаснењето, вдишале големи количини чад и биле пренесени во Општата болница во Струга, каде што се задржани на лекување.

Надлежните органи работат на утврдување на причините за пожарот и можната одговорност за неговото настанување.