На европскиот број за итни повици 112 денеска е добиена пријава за пожар на стрниште во селото Бучинци кој гори на околу 200 метри од црквата во селото, за што веднаш биле известени пожарникарите од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Други пријави за пожари, како што додаваат од ЦУК нема. Во изминатото деноноќие, пак, од ЦУК велат дека има изгаснато 22 пожари кои биле во различни делови од земјата. Во сите 22 изгаснати пожари била зафатена сува трева, стрништа, а гореле и ниви.

Шест пожари кои опфатиле ниска вегетација биле регистрирани во Општина Куманово кај селата Брзак, Ропалце, Ваксинце, Ропалце – Умин дол, Рамановце и Средорек, три пожари имало во Општина Гостивар – во населбата „Циглана“, како и во селата Чајле и Дебреше, а зафатиле ниска вегетација и сува трева, по два пожара имало во Град Скопје (Карпош) и Општина Новаци, додека по еден пожар е регистриран во општините Новаци, Ресен, Крушево, Прилеп, Дебар, Брвеница, Кичево, Штип и Пробиштип.