Над 550 пожарникари интервенираат во трите големи пожари во Грција во три различни делови на земјата, на Лезбос, на Пелопонез и кај Еврос, активни веќе неколку дена, јави дописничката на МИА од Атина.
Во областа Суфли кај Еврос во близина на Националниот парк Дадиа, пожарот избувна во четвртокот, а во текот на викендот откако огнената стихија се доближи до населени места, превентивно беа евакуирани жителите.
Интервенираат 320 пожарникар со 13 пешадиски тима, 68 возила, два авиони и четири хеликоптери, а помагаат и војската, полицијата, пожарникари волонтери, како и цистерни од општините.
Рано утрово, дождот го олесни гаснењето на пожарот и напорите да се спаси Националниот парк.
Во областа, од вчера е и министерот за климатска криза и цивилна заштита Христос Стилианидис.
Вчера избувна пожар во западниот дел на Пелопонез во областа Илиа, во близина на античка Олимпија, а утрово интервенираат 159 пожарникар со седум пешадиски тима, 59 возила, четири авиони и четири хеликоптери.
Веќе трет ден, активен е и шумскиот пожар во јужниот дел на островот Лезбос во кој во саботата изгореа куќи, а превентивно беа евакуирани жители на селата во близина на приморското место Ватера.
Во гаснењето на пожарот интервенираат 83 пожарникари со пет пешадиски тима, 21 возило, шест авиони и два хеликоптери, а помагаат и пожарникари волонтери и цистерни од општините.
Во трите пожари предизвикана е и материјална штета со изгорена голема површина.
Рано утрово избија шумски пожари во Касандра и Ситонија на Халидики.