Рама бара четврти мандат, Бериша сака враќање на власт по 12 години во Албанија

Во Албанија денеска се одржуваат 11. по ред парламентарни избори од падот на комунизмот, во кои правото на глас го имаат над 3,7 милиони граѓани – број што значително ја надминува официјалната бројка на жители според пописот. За првпат гласа и албанската дијаспора, од која над 245.000 граѓани добиле право на глас, иако нивниот одѕив досега е околу 80 отсто. Гласовите ќе се бројат во спортската палата „Фети Борова“ во Тирана, а гласовите што нема да пристигнат до 19 часот ќе бидат поништени.

Овие избори се првите по отворањето на преговорите со ЕУ и се сметаат за критични за иднината на Албанија. Новитет е воведувањето на затворени листи за 92 пратеници, а преостанатите 48 ќе се избираат преку отворени листи. За 140 места во парламентот се борат 2.046 кандидати од 11 партии и коалиции.

Еди Рама со европска порака, Бериша ветува повисоки плати и крај на миграцијата

Премиерот Еди Рама и неговата Социјалистичка партија на Албанија, кои веќе три мандати се на власт, се борат за четврта изборна победа. Кампањата ја завршија на Денот на Европа, со слоганот „Албанија 2030 во ЕУ“, ставајќи акцент на европската интеграција. Со СП коалицира единствено партијата на Македонците – МАЕИ.

Македонците во Албанија бараат стратешка поддршка за спречување на бугарската асимилација

Од друга страна, опозициската коалиција „Алијанса за величествена Албанија“ предводена од Сали Бериша и Демократската партија, која не е на власт веќе 12 години, вети зголемување на платите, пензиите и економски реформи во првите 100 дена. Во коалицијата е и партијата на Илир Мета, иако тој моментално се наоѓа во притвор под обвиненија за корупција.

Меѓународни набљудувачи и апели за достоинствено гласање

Изборите ги следат ОБСЕ, Советот на Европа и Европскиот парламент со повеќе од 300 набљудувачи. Американската амбасада и ОБСЕ ги повикаа граѓаните да гласаат без страв и со чувство на одговорност. Претседателот Бајрам Бегај им порача на гласачите достоинствено да го искористат своето демократско право.

На претходните избори СП освои 74 места, а ДП 59. Како ќе изгледа новиот парламент, ќе покаже излезноста и волјата на граѓаните по денешното гласање.