Состојбата е алармантна во Албанија и Грција
Со денови беснеат пожари во соседните Албанија и Грција, при што огнените јазици зафатија стотици хектари, предизвикаа материјална штета и доведоа до евакуација на население. Во двете земји состојбата е алармантна, а надлежните служби водат жестока борба за локализирање на пожарите, кои поради високите температури и силниот ветер се шират со голема брзина.
Во Албанија, пожарот што избувна пред неколку дена досега уништи 21 куќа и една црква. Поради неговото ширење кон нови населени места, евакуирани се жителите на три села. Во интервенцијата се вклучени 60 пожарникари, четири армиски возила, хеликоптери и екипи од унгарската поддршка. Медиумите јавуваат дека началникот на полициската станица во Делвина, Агим Троци, за време на гаснењето успеал да спаси дете и повозрасна жена, но се здобил со изгореници и е хоспитализиран. Покрај него, уште пет лица се соочиле со задушување.
Според податоците, во Албанија дневно се регистрираат во просек по 25 пожари, а досега изгореле над 450 хектари вегетација, маслинови насади и шумски површини.
Ситуацијата во Грција
Ситуацијата е драматична и во Грција, каде во изминатите 24 часа се пријавени 29 пожари, од кои 13 се сè уште активни, а шест под надзор. Огнот беснее во источниот дел на областа Атика (во близина на Атина), на островите Евија и Китира, во северна Грција, како и во јужниот дел на Пелопонез. Од бројот за итни случаи 112 беа испратени пораки за евакуација на жители во неколку погодени области.
Во пожарот во централна Евија изгореа две противпожарни возила, а четворица пожарникари со полесни повреди на рацете и очите, како и со респираторни проблеми, се пренесени во болница. Во оваа област интервенираат 115 пожарникари, шест пешадиски тимови, 24 возила, седум хеликоптери и шест авиони.
И во Дросопиги, на околу 30 километри од Атина, пожарот се шири неконтролирано, со неофицијални информации дека се зафатени неколку куќи. Слична е ситуацијата и на островот Китира, каде се евакуирани неколку населени места, како и во Месинија на Пелопонез и во делот меѓу Птолемаида и Кожани, на северот од земјата.
Грчките власти предупредија дека опасноста од пожари за денешниот ден е на највисокото ниво – категорија 5 – во Атика, Евија и делови од Пелопонез, според Министерството за цивилна заштита и климатски кризи.