Албанската Влада официјално го одобри Националниот план за непредвидени ситуации за мешани миграциски текови за периодот 2026-2028, стратешки документ кој има за цел да ги подготви албанските институции да се справат со зголемените миграциски текови на територијата на земјата.
Одлуката е донесена врз основа на член 100 од Уставот а по предлог на министерот за внатрешни работи, додека нејзиното спроведување е доверено на Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за образование, структурите за цивилни вонредни состојби, како и други државни институции
-Прифатните центри нема да се градат концентрирано во еден град, туку ќе бидат распределени според мапата на миграциските текови и главните премини. Поточно, во југоисточните и јужните гранични региони, главно во Корча, Ѓирокастро и Валона, објавија медиумите.
Според документот во Албанија е предвидено формирање прифатни центри со фокус на мигранти од Авганистан, Пакистан, Иран, Сирија, Либан и Газа, кои ги користат Албанија и Србија како транзитна траса кон Грција.
-За поддршка на локалната самоуправа на Албанија, во период кога миграциските феномени добиваат сè поголеми размери и влијаат врз социјалните, економските, политичките и културните димензии на многу земји, Албанија како земја во Западен Балкан не е исклучена од овие случувања, додаваат медиумите.
Во документот се наведува дека целта е да ги подготви сите централни и локални институции и структури за успешно справување и управување со кризата на мешани миграциски текови, за кои се очекува да се зголемат, на границите и територијата на Албанија.
Исто така, се наведува дека има за цел да обезбеди исполнување на барањата на мигрантите за преместување, евакуација, комуникација, итно сместување, помош со храна, здравствена заштита и психосоцијална поддршка.
Според албанските власти, националната имиграциска политика на Албанија има цел да управува со миграциските текови и да ги гарантира правата на мигрантите.
„Националниот план стапува во сила по објавувањето во Службен весник и ќе биде правна основа за сите теренски акции за управување со миграцијата. Поради својата географска положба, Албанија е вклучена во балканската миграциска рута, која ги вклучува Турција, Грција, Албанија, Србија, а потоа и Централна Европа, стои во документот.
Се оценува дека конфликтите на Блискиот Исток, безбедносната ситуација во Авганистан и нестабилноста во неколку земји во Азија и Африка значително ги зголемија миграциските текови во овој коридор.
Во Албанија, во округот Лежа веќе има прифатен центар во пристанишниот град Шнѓин и сместувачки камп во Ѓадр, врз основа на договорот со Италија. И по две години од изградбата истите не профункционираа поради одлуките на судот во Рим. Сепак италијанската премиерка, Џорџа Мелони, не се откажува од намерата и неодамна рече дека набрзо ќе профункционираат.
