Дали Државната изборна комисија ќе ги спроведе претстојните избори, кои треба да се одржат напролет, во нецелосен состав? Ова прашање се отвори откако на собраниската Комисија за избори и именувања, претседателката Марија Георгиевска изјави дека кандидатот на албанската опозициска партија БЕСА, Абдуш Демири, не ги исполнува условите за член на ДИК, бидејќи е актуелен генерален секретар на партијата. Георгиевска рече дека, според Изборниот законик, член на ДИК не може да биде член на партија, пренесува Вечер.
Пратеникот од БЕСА, Фадил Зендели, реагираше дека во архивата на Собранието е доставена нотарска изјава и покажа документ, односно нотарска изјава на Демири дека повеќе не е генерален секретар на партијата, а прашањето што остана да виси во воздух е дали е примена нотарската изјава и зошто ја нема пред членовите на Комисијата.
– Ова што го правите – нема да ви помине, зошто ви се ваквите игри?! Нема да ви помине, не ми е јасно зошто играте со законот, со изборите. Зошто играте по игрите на ДУИ, играте со Државната изборна комисија, имаме избори, се прашавте ли каква порака испраќаме? – рече пратеникот од БЕСА, Фадил Зендели.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошовски, оцени дека законот е многу јасен за условите за членување.
– Ние овде имаме една многу чиста позиција, каде што во законот пишува член на ДИК треба да биде претставник на опозицијата и сега поради несогласувањата во Алијанса, која не знае дали сака да е опозиција или не и дали ќе одат на заеднички листи со ДУИ, се тактизира – изјави Милошовски.
На собраниската Комисија за прашања на избори и именувања на која се утврдуваше листа на пријавени кандидати за член на ДИК, освен Абдуш Демири, кој е економист, како кандидати беа пријавени и Беат Даути, дипломиран правник, Роберт Трајковски и Зулфи Адили. Претседателката на Комисијата, Марија Георгиевска, рече дека и Роберт Трајковски не ги исполнува условите поради некомплетна документација.
Утврдувањето на нов член на ДИК, кое беше ставено на седница на Комисијата за избори и именување, е единственото отворено прашање пред изборите и впечатокот е дека од техничко прашање се претвора во политички проблем.
Со оглед дека партиите веќе го договорија датумот на изборите, поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски, изјави за весникот ВЕЧЕР дека е многу е важно составот на ДИК да биде целосен. Мора да имаме полн состав на ДИК, вели Новаковски, појаснувајќи дека не е добро со шестмина членови да се блокира Комисијата ако дојде до гласање.
– Немам дилема дека мора да се избере следниот член. Многу е битно и нема потреба уште на самиот старт, уште незапочнати изборите, да се става каква било дилема за начинот на организација на изборите и да се прават забелешки, да се отвори простор за забелешки од ОБСЕ-ОДИХР и не ни треба тоа во моментов како држава – вели Новаковски.
Потребните подготовки за изборниот процес и досега течеа со некомплетен состав на ДИК. Дилемата што се отвори беше дали испразнетото место во ДИК ќе го задржи Алијанса на Албанците, која засега е во власта или ќе ѝ припадне на албанската опозиција од Европскиот сојуз за промени.
Според Новаковски, испразнетото место во ДИК ѝ припаѓа на опозицијата, а на која опозициска партија, како што објаснува, треба да одлучи Собранието. Тој вели дека во законот има клаузула според која ако членовите на Комисијата не се договорат кој да се избере од листата или ако не се прифати предлогот, тогаш и собраниската Комисија може да одлучи да избере член од листата за да се пополни испразнетото место , но дека не е добро да дојде до тоа.
– Бидејќи претседателот и двајца членови се од редот на опозицијата, кои на последните избори освоија најмногу гласови, а четворица членови се од позицијата, потпретседателот и тројца членови, според мене, ова место ѝ припаѓа на опозицијата, а на која опозициска партија – тоа треба да одлучи Собранието – вели Новаковски.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, деновиве критикуваше дека многу се одолговлекува прашањето за комплетирање на ДИК и нагласи дека за да има фер и демократски избори, мора да се спроведе изборот на член на ДИК.
– Оглас имаше, рокот е поминат, бараме да се избере член на ДИК од редот на опозицијата, не бараме нешто што не ни следува – рече пратеникот Антонијо Милошоски.
Конкурсот за член на ДИК заврши на 16 ноември 2023 година, а прашањето за пополнување на испразнетото место во ДИК остана отворено откако актуелниот министер за правда, Кренар Лога, како кадар на Алијанса за Албанците, го доби местото во ДИК, како претставник на опозициска партија по последните парламентарни избори. Алијанса сега е во владината коалиција и албанските опозициски партии бараат тие да седнат на столчето во ДИК. Прашањето за пополнување на ДИК се најде на дневен ред и на лидерската средба во Собранието, но спикерот Талат Џафери тогаш си замина од состанокот, а потоа и Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши, кои ја предводат албанската опозиција, излегоа од лидерската средба.