Во Приштина денеска се одржа „Маршот за слобода“ во поддршка на поранешните лидери на ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, на кои им се суди пред Специјализираните совети на Косово во Хаг. На маршот учествуваше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој порача дека, според него, албанскиот народ го кажал својот став за четворицата обвинети.
Маршот беше организиран од платформата „Слободата има име“, а учесниците носеа знамиња на ОВК и бараа правда и враќање на поранешните лидери во Косово. Ахмети по маршот напиша дека учествувал „за слободата и во поддршка на ослободителите“, оценувајќи дека собирот испратил порака оти слободата не е само сеќавање на минатото, туку вредност која се брани и потврдува секој ден.
„Косово денеска зборуваше силно, изразувајќи благодарност кон оние кои се жртвуваа за неговата слобода и достоинство“, напиша Ахмети.
Во однос на судењето на Тачи, Весели, Красниќи и Селими, Ахмети упати директна политичка порака:
„Денеска албанскиот народ го даде својот јасен суд: Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими ги прогласува за невини“, порача Ахмети.
Станува збор за политички став на Ахмети, а не за судска одлука за вината или невиноста на четворицата обвинети. За време на маршот беа упатени пораки дека ОВК се кренала против угнетувањето и дека нејзината борба, според организаторите и учесниците, не треба да биде предмет на ревизија преку судски постапки.
Ахмети порача и дека ОВК е дел од историјата на Косово и од заедничката меморија на оние кои верувале и се бореле за слобода.
„Од Приштина денеска ја испративме пораката дека правдата и слободата мора да одат заедно“, напиша Ахмети.
Објавата ја заврши со пораките: „Слава на сите маченици на слободата! Да живее Косово! Да живее ОВК!“
