Албанскиот премиер Еди Рама синоќа во неговиот кабинет го прими кандидатот за претседател на државата, Бајрам Бегај, што е предлог на неговата Социјалистичка партија, јави дописничката на МИА од Тирана.
-Денеска имавме многу долга дискусија во Претседателството на Социјалистичката партија, со многу кандидатури и на крај се договоривме дека вие сте вистинската личност за нормализирање на институцијата претседател. Ви благодариме што не не одбивте, а вашата согласност ќе ни биде чест да ви го дадеме гласот и официјално да бидете избрани за претседател, изјавил Рама на средбата на која официјално му ја соопштил веста за кандидатурата.
Генерал Бегај ветил дека ќе се обиде да биде вистинскиот човек кој достоинствено ќе ја претставува функцијата, зашто и професијата од каде доаѓа бара дисциплина и посветеност.
-Благодарам премиере, голема е честа да се биде претседател. Ќе бидам на висина на задачата. Би бил среќен доколку во Парламентот ја добијам поддршката да бидам нов шеф на државата, должност која достоинствено ќе ја извршувам, рекол Бегај.
Гласањето ќе биде само формално зашто социјалистите го имаат потребниот број гласови.
Генерал Бегај ќе бие осмиот претседател на Албанија, по падот на комунизмот, а втор висок армиски старешина на оваа функција, по Алфред Мојсиу( 2002-2007), кој исто така по чин беше генерал.