Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, од денес до сабота престојува во официјална посета на земјава.

Бегај денеска ќе се сретне со градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, каде што ќе му биде приреден свечен прием. Предвидено е албанскиот претседател заедно со делегацијата да ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 27 февруари 2026 година, петок, ќе биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.

Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Најавена е и посети на Тетово, за која информираше градоначалникот Билал Касами во објава на Фејсбук.

„Во сабота, Тетово има чест да го пречека претседателот на Албанија. Оваа посета е посебен момент за зајакнување на соработката и братските врски меѓу Албанците во регионот!“, напиша Касами во објавата.

МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.