Албанскиот туризам се развива.
Во Албанија во првите четири месеци годинава имало рекордна бројка од околу 1,7 милиони странски туристи.
Како што објави Институтот за статистика (ИНСТАТ), тоа е раст од 57 отсто споредено со истиот период лани.
„Во периодот јануари-април најголем број од странските државјани кои влегле во Албанија се од Европа или 1.626.852, а потоа следат Америка и Источна Азија/Пацифик, со 36.265 односно 9.767 лица. Од вкупниот број, над 600 илјади се во април“, објави ИНСТАТ.
Лани во Албанија престојувале 7,5 милиони странски туристи што се оценува како рекордна. Нивниот број е поголем за 1,9 милиони споредено со 2021 година и 18 отсто повеќе од 2019 година.
Премиерот Еди Рама деновиве ги објави бројките на Светската туристичка организација, која за првите три месеци од оваа година ја рангира неговата земја на третото место во светот по раст на туризмот и на првото место во Европа по раст на туризмот во однос на периодот пред пандемијата. Албанија во изминатиот период од годинава, на светско ниво има раст од 54 отсто по Катар и Саудиска Арабија.