Во пресрет на новата туристичка сезона, Асоцијацијата на албанските туристички работници бара од Техничкиот комитет на експерти за справување со пандемијата со Ковид-19 да ги укинат рестриктивните мерки, бидејќи сметаат дека сега „веќе не се разговара за пандемија, туку за економија“.
Тие, меѓу другото бараат укинување на обврската за поседување сертификат за вакцинација или за прележан Ковид-19, како и за негативни ПЦР и антиген тестови за сите странски државјани при влез во државата, јави дописничката на МИА од Тирана.
-Комитетот треба да се разбуди, да ги укине рестриктивните мерки и да го ослободи туризмот бидејќи има резервации, но ако се уште бараме тестови на граница или прекин на музиката во 23 часот, што им нудиме на туристите? Може да се соочиме со откажувања на најавените резервации, изјави Зак Топузи, претседател на Асоциацијата.
Според Топузи, Албанија доцни во тоа, зашто соседните земји одамна најавиле укинување на рестриктивните мерки, па дури и нема да бараат потврда за вакцинација само за да привлечат туристи.
– Конкуренцијата е силна, бидејќи земјите како Шпанија, Грција, Италија уште пред три месеци објавија укинување на мерките, додаде Топузи.
Минатата летна туристичка сезона во Албанија се оценува како успешна, бидејќи немаше никакво ограничување за влез во Албанија, која од туризмот оствари приход од 1,9 милијарди евра. Споредено со претходната, пандемиска година, приходите се за 922 милиони евра повеќе, додека со 2019 година тие се помали за околу 171 милион евра.
Веќе неколку недели во земјата има многу ниски стапки на зараза. Според денешниот извештај на Институтот за јавно здравје од направените 650 тестирања вирусот е потврден кај 15 лица.