Села за воведувањето една изборна единица: „Процесот не може да се контролира – ќе бидеме загрозени“

Зијадин Села, лидерот на едното од трите крила на Алијанса за Албанците и дел од коалицијата „Европски фронт“, остро се спротивстави на воведувањето една изборна единица.

„Албанците не се присутни во источниот дел од земјата, па затоа целиот процес е невозможен за контрола“, изјави Села пред Собранието.

Наместо тоа, неговата партија предлага модел со осум изборни единици, но со отворени листи, каде што, според него, граѓаните директно би ги избирале своите претставници, а не лидерите на партиите.

Блокирана можноста за една изброна единица?

И покрај заложбата за реформа на изборниот модел и најавите за воведување една изборна единица, политичките партии повторно не можат да постигнат консензус. Идејата беше поддржана од премиерот Христијан Мицкоски, а потоа и формализирана со предлог-закони од ЛДП и Демократскиот сојуз. Но, различните ставови сѐ повеќе ја блокираат можната промена на Изборниот законик.

Мицкоски фрли ракавица: Ајде да имаме една изборна единица, но да ја вклучиме и дијаспората

ДУИ: „Ќе прифатиме една изборна единица само со праг“

И опозициската ДУИ не го поддржува предлогот во неговата сегашна форма. Партијата условува: една изборна единица – да, но со воведување на изборен праг.

„Предлагаме отворени листи и изборен праг од 3 проценти од вкупниот број избирачи, или како алтернатива – праг од 5 проценти од оние што гласале“, изјави портпаролот на партијата, Арбр Адеми.

Овој став е спротивен на иницијативите поднесени од ЛДП и Демократскиот сојуз, каде се бара една изборна единица без цензус, со распределба на мандати според Донтовиот модел.

„Една изборна единица ќе го разгради партискиот монопол и ќе создаде еднаквост – секој пратеник ќе има иста вредност на гласот. Поддржуваме пропорционален модел, но без изборен праг“, изјави Павле Трајанов од Демократскиот сојуз.

Владата: „Нема да носиме еднострани решенија – само со консензус“

Во меѓувреме, иако идејата за една изборна единица се шири, неколку партии и натаму се без јасен став. Лидерот на БЕСА, Билал Касами, изјави дека нивната партија допрва ќе го анализира предлогот.

„Ова е комплицирана тема и ќе треба дополнителни анализи пред да изградиме конкретен став“, изјави тој.

Од Владата истакнуваат дека нема да има еднострано донесување на Изборниот законик.

„Бидејќи станува збор за Изборен законик, тој секогаш се носи со консензус. Ние, како Влада, немаме намера да воведуваме еднострани измени. Ќе ги разгледаме сите предлози и ќе бараме решение низ дијалог“, изјави владината портпаролка Марија Митева.

Иако предложените измени се на маса, постои реална можност тие да бидат блокирани, исто како и пред три години, кога слична иницијатива пропадна поради спротивставените позиции на ДУИ и Алијансата за Албанците.