Собранието на Косово денеска со 62 гласа го избра Албин Курти за премиер по четврти пат. Против неговиот избор гласаа пратениците на Српската листа, додека пратениците од Демократскиот сојуз на Косово, Демократската партија на Косово и Алијансата за иднина на Косово не присуствуваа на седницата.

Демократската партија на Косово и Алијансата за иднина на Косово најавија дека ќе се обратат до Уставниот суд во врска со постапката за избор на потпретседателите на Собранието.

Пред гласањето, Курти ја претстави програмата на новата влада, која е речиси идентична со програмата на претходниот владин состав од февруари годинава.

За прв заменик-премиер и министер за надворешни работи и дијаспора беше избран Глаук Конјуфца. Доника Гервала е избрана за втора заменик-премиерка и министерка за правда, додека Фикрим Дамка ќе биде трет заменик-премиер задолжен за прашањата на малцинствата и соработката.

Хекуран Мурати е избран за министер за финансии, а Андин Хоти за министер за труд, семејство и вредности на ослободителната војна. Министер за одбрана ќе биде Ејуп Маќедонци.

Џељаљ Свечља останува на чело на Министерството за внатрешни работи, Љуљзон Јагџиу е избран за министер за јавна администрација и дигитализација, а Арбен Витиа за министер за здравство.

Хајрула Чеку е избран за министер за образование и наука, Саранда Богујевци за министерка за култура и туризам, а Блерим Гашани за министер за спорт и млади.

Ељберт Красниќи ќе раководи со Министерството за администрација на локалната самоуправа, Фиторе Пацоли е избрана за министерка за животна средина и просторно планирање, а Арменд Муја за министер за земјоделство, шумарство и рурален развој.

За министер за инфраструктура и сообраќај е избран Димал Баша, додека Мимоза Кусари-Лила ќе биде министерка за индустрија, претприемништво, трговија и иновации.

Артане Ризваноли е избрана за министерка за економија, Ненад Рашиќ за министер за заедници и враќање, а Расим Демири за министер за регионален развој.