Александар Ѓорчевски денеска ќе сведочи пред судот
Денеска пред Кривичниот суд во Скопје, сведочење ќе даде Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска, кој е обвинет за помагање во нејзиното киднапирање. Тој ќе биде испрашуван од обвинителките Ана Стојковиќ и Жаклина Јосифовска, кои имаат задача да го докажат обвинението дека токму тој им дал информации на сторителите кога неговата ќерка оди сама на училиште.
Претходно Ѓорчевски се изјасни за невин во случајот
На минатото рочиште, Александар Ѓорчевски пред судот се изјасни за невин во случајот поврзан со киднапирањето и убиството на неговата ќерка Вања и велешанецот Панче Жежовски. Исто така тврдеше дека не ги познава ниту другите обвинети во случајот.
Во неговото прво емотивно обраќање пред судот, Ѓорчевски раскажа за трагичниот ден кога исчезнала Вања. Детално зборуваше за тоа како заедно со својата поранешна сопруга почнале да ја бараат, сè до моментот кога дознале за нејзината смрт и до апсењето.
Никогаш не се сретнал со Палевски
Ѓорчевски изјави дека никогаш не се сретнал со убиецот Љупчо Палевски.
- „За Палевски сум слушал само преку комшии – никогаш не сме се сретнале“
На прашање дали имал контакт со првообвинетиот Љупчо Палевски, Ѓорчевски даде јасен одговор.
Објасни зошто почнал сопствена истрага
Тој изјави дека почнал и сопствена приватна истрага, обидувајќи се да открие што ѝ се случило на Вања, но и дека бил жртва на полициско малтретирање. Според него, полицајци го тепале и го терале да признае вина за вмешаност во злосторството.
Судењето продолжува денеска, а јавноста со голем интерес го следи овој трагичен случај кој остави длабоки последици врз целото општество.