Камбовски доаѓа на позицијата на Дамева

Апелациониот судија од Битола, Александар Камбовски, денеска беше избран за нов претседател на Судскиот совет, по оставката на Весна Дамева.

Ова е првпат на чело на Судскиот совет да застане судија кој своето образование го стекнал преку Академијата за судии. Досега, претседателите на Советот биле судии и членови избрани во Собранието, поддржани од политичките партии.

Лимани го предложи Камбовски

Камбовски беше предложен за оваа позиција од врховниот судија Исамедин Лимани, а поддршката ја доби од сите членови на Судскиот совет. Од вкупно 13 присутни членови на седницата, сите гласаа за него како единствен кандидат.

Кој е Александар Камбовски?

Камбовски е познат по својата посветеност и долгогодишно искуство. Тој не се потпира само на образованието од Академијата, туку својот пат го изодел преку работа во приватни фирми, судови и адвокатура.

Неговата професионална кариера започнува во Основниот суд Битола, каде што работел од 2003 до 2005 година. Потоа, од 2005 до 2007, бил правник во приватна компанија, а од 2006 до 2010 година бил надворешен соработник на адвокатска канцеларија. Во истиот период, од 2007 до 2010 година, активно работел како адвокат.

По завршувањето на Академијата за судии, во 2010 година Камбовски бил избран за судија во Основен суд Битола. Во 2017 година бил унапреден како апелационен судија во Битола, а истовремено предавал на Академијата за судии и јавни обвинители.

Во 2024 година, со тајно гласање, судиите го избраа за член на Судскиот совет, од каде денеска беше избран за негов претседател.