Лидерот на Српската напредна партија (СНС) и претседателски кандидат Александар Вучиќ вечерва прогласи победа на претседателските и парламентарните избори и најави дека може самостојно да ја формира идната српска влада, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучиќ на прес конференција кажа дека тој на претседателските избори, според избројаните 85 отсто гласови од цела Србија, гласовите од Косово и дијаспорта, има освоено меѓу 59,9 и 60,1 отсто гласови, наспроти останатите кандидати, меѓу кои и опозицискиот кандидат од Обединета Србија Здравко Понош, кој освоил 17,7 отсто гласови.
– На парламентарните избори коалицијата на СНС освои 43,9 отсто или 124 пратенички мандати и на работ сме да можеме сами да ја формираме идната српска влада, рече Вучиќ.
Според него, опозициската Обединета Србија освоила 13, 6 отсто гласови, партијата на Ивица Дачиќ СПС освоила 11,4 гласови, Демократската партија на Србија (ДСС) и Нада има 5,3 отсто, коалицијата Мораме освоила 4,7 отсто, а цензусот го поминале и Двери и Заветници.
– Влијанието на украинската криза беше огромно и според резултатите на изборите Србија драматично се движи кон десницата, а СНС има нешто помалку гласови, за што ќе водиме сметка кога ќе се формира владата. Нема да ја формираме со оние кои преку навивање влијаеја на определбата на народот. Србија ќе мора да се определи како ќе оди во иднина, не чекаат тешки времиња, изјави Вучиќ.
Според Цесид и Ипсос, од 55 отсто пребројани гласови на претседателските избори, Александар Вучиќ води со 59,3 отсто од гласовите, за разлика од кандидатот на опозицијата Здравко Понош кој засега има освоено 17, 6 отсто гласови.
Според Цесид и Ипсос, од 70,4 отсто избројани гласови на парламентарните избори, најмногу гласови освои коалицијата на Српската напредна странка (СНС) на Александар Вучиќ со 43,1 отсто освоени гласови или со 121 пратеник од 250 колку има српското Собрание.
Втори се опозиската коалиција Обединета Србија која ја сочинуваат-Партијата за слобода и правда (ССП) на Драган Ѓилас, Народната партија (НС) на Вук Јеремиќ, Демократската партија (ДС) на Зоран Лутовац, Движењето на слободни граѓани (ПСГ) Павле Грбовиќ со освоени 13, 2 отсто гласови или 36 пратеници.
Трета коалиција по бројот на освоени гласови е партијата на Ивица Дачиќ, Социјалистичката партија на Србија со 11,4 отсто или со 32 пратеници.
Следи коалицијата Нада сочинета од фракција на Движењето за обнова на Кралството Србија (ПОКС) и Демократската партија на Србија (ДСС) со освоени 5,4 отсто гласови или 15 пратеници.
Четврта е опозициската коалиција Мораме која ја сочинуваат „Да не го давиме Белград“, граѓанската платформа „Акција“ и Еколошкото востание на Александар Јовановиќ Чута, со освоени 4, 3 отсто гласови или 12 пратеници.
Цензусот од три отсто за Парламентот го поминаа и десничарските Двери и Заветници, кои влегуваат со по 11 пратеници во српското Собрание.
Според опозиската коалиција Обединета Србија, тие заедно со останатите опозициски коалиции, како Мораме и Нада, водат на Белградските избори.
Во 20 часот заврши гласањето на претседателските, парламентарните и градските избори за Белград и 12 други градови во Србија, на кои според аналитичарите се очекува висока излезеност од 59,7 отсто.
РИК прогласи крај на гласањето, но и со огласување во јавноста, а со официјални резултати ќе се јави утре во 20 часот.