Али Ахмети на распит? ОЈО бара споделување на сознанија

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е можно да биде повикан на распит од Јавното обвинителство, откако во јавна изјава посочи дека има сознанија за локацијата на поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој е под меѓународна потерница.

  • „Домашните и меѓународните органи имаат овластувања да ги преземат сите неопходни дејствија, вклучително и повикување на лица кои можеби имаат сознанија за локацијата на осомничените,“ соопшти Јавното обвинителство.

Мицкоски: „Ахмети треба да одговори на прашањата“

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека Јавното обвинителство мора да реагира на изјавата на Ахмети и да го повика на распит.

  • „Се надевам дека Обвинителството ќе ги разгледа овие информации и ќе го повика Ахмети. Ова нема никаква врска со политички прогон, особено кога Груби е на Црната листа на САД,“ рече Мицкоски.

Фетаи: „Изјавата на Ахмети е скандалозна“

Вицепремиерот Арбен Фетаи изрази загриженост за изјавата на Ахмети, оценувајќи ја како вознемирувачка. Тој потенцираше дека е недозволиво пазарење со криминализирани лица.

  • „Кривична одговорност има секој кој има сознанија за локацијата на лице кое е барано со потерница и не ги споделува информациите со институциите,“ изјави Фетаи.

Тој додаде дека ваквото однесување ги преминува границите на владеењето на правото. По секоја логика, Обвинителството треба да го повика Али Ахмети на распит

  • „Не смее да има пазарење со криминалци, особено кога се злоупотребени милиони евра од државата и граѓаните,“ нагласи Фетаи.

Груби: „Чист сум како солза“

Осомничениот Артан Груби, кој повеќе од две недели не е достапен за правосудните органи, на Фејсбук напиша дека е во странство на приватна посета и дека е „чист како солза“.

Во меѓувреме, Ахмети изјави дека Груби се наоѓа на албанска територија и дека е подготвен да се врати, но само доколку му се гарантира „правда без одмазда“.