Алијанса за Албанците до Антикорупциската комисија поднесе пријава за сомневање за корупција против Назим Буши, заменик-министер за внатрешни работи.
„Пријавата е поднесена во врска со престојот на Назим Буши во луксузен хотел во Истанбул во октомври 2020 година, престој вреден десетици илјади евра но, според заменик министерот овој износ е платен од непознати лица, што претставува подарок што е во спротивност со позитивните прописи“, се вели во соопштението на АА.
Заменик министерот за внатрешни работи, Назим Буши, платил 20.000 евра за едно ноќевање во лускузен хотел, објави пред шест дена албанската телевизија „Ора њуз“, којашто емитуваше истражување за албански функционери кои се луксузирале во хотели, а меѓу нив се најде и функционерот од македонската влада.
Според информациите на „Ора“, Буши престојувал една ноќ во претседателскиот апартман на „CVK Park Bosphorus Hotel“ во Истанбул. За тоа сведочи видеото направено од Буши во просториите на претседателскиот апартман, кој е огромен простор од 850 метри квадратни, пишува порталот.