Алијанса за Албанците прави терен да седне на „Илинденска“, Алтернатива не попушта, ќе се договорат ли Ковачевски и Таравари за програма и кадри?

Претседателството на Алијанса вчера го формираше тимот за преговори со Владата во кој покрај Таравари дел ќе бидат и неговите најблиски соработници -двата секретара и тројцата потпретседатели на партијата. Како што изјави по состанокот, за Алијанса од поголема важност се програмските барања, отколку кадровските, а доколку тие бидат исполнети, тогаш ќе бара мислење од членството на внатрепартиски референдум, по што ќе донесат конечна одлука дали ќе станат дел од власта или ќе останат во опозиција. Иако според него без пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во моментов нема гаранција дека ќе има двотретинско мнозинство за уставни измени, смета дека треба да се даде шанса на процесот.

-Без пратеници од ВМРО-ДПМНЕ аритметички не се стигнува до бројката до 80. Така што, ќе видиме дали можеме ние. Цел ни е да дадеме шанса да се направи мнозинство од 80 пратеници. Не зависи од нас. Да зависеше од нас ќе ја направивме бројката 80 и ќе одевме на избори, изјави Таравари.

По тврдењата од генералниот секретар на Алтернатива, Ибрахими, дека Ковачевски и Ахмети на средба во Владата не успеале во обидот да го разубедат Гаши да прифати засилување на владината коалиција со Алијанса за Албанците, премиерот вчера во телевизиско гостување ги отфрли тврдењата за недоразбирања во владината коалиција. Смета дека мнозинството е стабилно со можност за проширување во име за европскиот концепт и уставните измени.

Без разлика дали партијата на Таравари ќе премине во власт или ќе остане опозиција, ВМРО-ДПМНЕ нема да го промени ставот против уставните измени, вели лидерот на партијата Мицкоски. Според него потребни се предвремени избори, а Алијанса освен желба за власт не понудила никаква програма за да го оправда влезот во Владата.

– Гледате владини колаициони партнери којшто велат дека не отстапуваме ресори имаме договор. Значи никој не вели ние сме подготвени да отстапиме ресор на сметка на оваа политика којашто ќе донесе некаков бенефит за граѓаните. Сите велат не остапуваме ресори затоа што не сме подготвени да остапиме од она што сега го црпиме. Тоа нели ви делува малку лицемерно, лажливо и изманички, изјави Мицкоски.

Дел од аналитичарите сметаат дека големи се шансите Алијанса да стане дел од владината коалиција. Според Алберт Муслиу и покрај негодувањата на дел од коалициските партнери, постои можност да се испеглаат разликите.

Претходно и лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов порача дека треба да се внимава да не се наруши етничкиот баланс во поделбата на министерските места и моќта во власта.. Неговиот став е дека за да се направи место за Алијанса, ДУИ треба да отстапи две министерски места, но засега ниту СДСМ ниту ДУИ, не кажуваат од што се подготвени да остапат.