Алијанса за Албанците започна кампања: „Каде се книгите?!“, со пресметување на деновите од почетокот на учебната година. На првиот плакат што го објавија вчера на својата официјална веб-страница и на социјалните мрежи е наведено дека 39 дена поминаа без сите учебници.

„Училиштата влегуваат во 39-тиот ден без книги, а наставниците и учениците од 1 септември секој ден одат на училиште. Училниците се полни, но ученичките ранци се празни“, порачува партијата.

Министерството за образование и наука (МОН) сѐ уште нема готови книги, иако вети дека овој проблем ќе се реши во првата недела од почетокот на учебната 2022/2023 година, потсетува партијата и оценува дека станува збор за еден од најголемите скандали бидејќи „децата плаќаат за нечија неспособност“.

Заради тоа Алијанса за Албанците соопшти дека ја отпочна кампањата „Каде се книгите?!” и ги повикува сите засегнати страни како и сите граѓани да се приклучат на оваа кампања.

„По цели 39 дена чекање, училиштата сѐ уште немаат доволно книги за нормално одвивање на наставата. Овој виртуелен протест го започнуваме со покана до секоја засегната страна, до секој родител и секој граѓанин да се придружи на нашето барање за книги. Сакаме книги за нашите деца! Секој ден доцнење е злосторство врз децата! Каде се книгите?!”, порачува партијата.