Нема пријавени пациенти во болница
Министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека нема ниту еден пациент примен во болница поради пожарот кој избувна во складиште за електронски и пластичен отпад во Трубарево. Тој изјави дека информацијата е утврдена вчеравечер на прес-конференција во рамки на Управувачкиот комитет за справување со кризи, кој заседаваше во проширен состав во МВР.
„Досега немаме информации дека загаденоста е на ниво за да не може да се излезе надвор. Од акредитирана институција е земен материјал и до понеделник ќе имаме официјални резултати и најверојатно на прес-конференција ќе известиме за структурата на воздухот во овој момент,“ изјави Алиу.
Тој посочи дека мерењата се веќе во тек и дека јавноста ќе биде навремено информирана за состојбата на квалитетот на воздухот.
Алиу нагласи дека Министерството за здравство објави препораки за заштита кои се насочени кон најранливите групи. Тие опфаќаат лица постари од 65 години, деца и бремени жени.