Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска се осврна на проблемот со недостигот на анестезиолози на Клиниката за државна кардиохирургија, појаснувајќи дека овој недостиг се чувствува во повеќето клиники во Скопје, каде фалат технички медицински кадри, специјалисти или друг тип на човечки ресурси.

Тој информира дека денеска се одржал состанок со директорот на клиниката, дел од лекарите, како и со директорот на кардиохирургија од Словенија, при што биле разгледани сите аспекти на проблемот.

„Веднаш иницирав да се склучи билатерален договор меѓу Македонија и Словенија со цел да имаме мобилност на доктори и медицински сестри меѓу двете држави. Здравството е сензитивен ресор заради времетраењето за креирање на профил за кој се потребни десет години. Затоа нашиот пристап од средно стручно образование до факултет и до специјализација ќе биде да ги проектираме тие капацитети за минимум десет години во здравството“, истакна министерот Алиу.

Тој додаде дека со овој договор доктори од Словенија ќе можат привремено да работат во Македонија, од три до шест месеци, додека македонски доктори ќе имаат можност да работат во Словенија. Според Алиу, ова ќе овозможи и пренос на знаење и нови технологии, а процесот за склучување на договорот е сè уште во рана фаза.