Алиу на средба со директорите на Клиниките за кардиологија и кардиохирургија разговара за состојбите и тековните предизвици
Министерот за здравство Азир Алиу денеска остварил работна средба со директорите на Клиниката за кардиологија и Клиниката за државна кардиохирургија. На состанокот присуствувале Даница Петкоска Спирова, директорка на Клиниката за кардиологија, и Дејан Димитровски, директор на Клиниката за кардиохирургија.
Како што соопштија од Министерството за здравство, на средбата се разговарало за актуелните состојби во овие здравствени установи. Била разгледана можноста за нивно зајакнување, подобрување на условите и унапредување на услугите во интерес на пациентите и здравствениот персонал.
Дополнително, на средбата ги анализирале и тековните предизвици со кои се соочуваат клиниките. Истакнато било дека секојдневно третираат сложени и тешки случаи, што бара дополнителни ресурси и континуирано вложување.