Административната постапка завршена, останува уште тестирањето

Министерот за здравство Азир Алиу денеска ја посети Клиничката болница во Тетово, каде одржа средба со лекари, медицински сестри, техничари, болничари и административен персонал кои досега работеа со договори на дело. По средбата, министерот изјави дека сите административни процедури се финализирани, а последниот чекор што останува е полагањето на административниот тест, по што ќе следи потпишување на договори за трајно вработување.

Години труд конечно признати

„Некои од нив работеа десет години, некои помалку, а имало и такви што работеа месец или два без плата, само за да бидат дел од институцијата. Денес сме задоволни што тие стануваат официјално дел од нашата здравствена установа во Тетово – 155 вработени. Сега останува само полагањето на тестот, по што директорот ќе може да ги потпише договорите“, изјави министерот Алиу.

Признание за вложениот труд

Во изјава пред медиумите, Ивона Неделкоска, во име на хонорарците, порача дека првпат нивниот работен статус се третира со сериозност и институционална одговорност. Таа нагласи дека преминот од договори на дело во договори на неопределено време претставува признание за вложениот труд и заложба, како и важен чекор кон обезбедување на стабилност и работнички права.

Неделкоска изрази благодарност до министерот Алиу, директорот на болницата и медиумите за нивната поддршка.

Извор: ТВ21